ПРОМОЦИЈА НА ИНОВАТИВНИОТ ПИЛОТ–ПРОЕКТ „ОД ИДЕЈА ДО ПАТЕНТ“

На 8 октомври 2015 во Домот на АРМ во Скопје е одржана свечена промоција на успешно завршениот пилот-проект под наслов „ОД ИДЕЈА ДО ПАТЕНТ“ во кој учествуваше група на ученици на Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од Скопје. Пилот-проектот е реализиран во неколку фази во временски период од шест месеци и резултираше во пронајдок кој го осмислија тројца ученици: Горјан Малевски, Марко Младеновски и Коста Начевски. Пронајдокот е пријавен како патент во Државниот завод за индустриска сопственост на Р. Македонија.
Промоцијата на пилот-проектот е одржана во пријатниот амбиент во домот на АРМ, во сала со озвучување и потребната опрема за видеопрезентации. Спонзори на промоцијата беа Државниот завод за заштита на индустриска сопственост на Р. Македонија и Министерство за Одбрана на Р. Македонија.
Поздравувајќи ги присутните, членот на Извршниот одбор на Друштвото Пронаоѓач Михајло Пупин, д-р Даниела Ризова го најави првиот говорник, г-дин Златку Блерим, раководител на сектор во Министерството за економија на Р. Македонија. Тој го поздрави проектот и ја нагласи заемната успешна соработка со Друштвото, како и подготвеноста на Министерството за економија да ги помогне и поддржи пронаоѓачите во рамките на законските можности.

На присутните потоа им се обрати претседателот на Друштвото на пронаоѓачи Пронаоѓач Михајло Пупин, г-дин Мирко Узелац, кој во име на Друштвото им се заблагодари на гостите и ги запозна со целите на проектот и начинот на кој е реализиран. Тој истакна дека пилот-проектот „ОД ИДЕЈА ДО ПАТЕНТ“ по својата оригиналност ги надминува регионалните рамки и навлегува длабоко во сферата на светските едукативно-иновативни работилници од областа на пронаоѓаштвото.

Пред да ги претстави главните јунаци на овој пилот – проект, г-дин. Мирко Узелац се осврна и на потешкотиите на кои наидуваат пронаоѓачите на патот кон реализацијата на своите патенти, посебно на пронаоѓачите во својство на физички лица. Исто така, тој ја истакна соработката со Државниот завод за заштита на индустриската сопственост, Министерство за одбрана, Министерството за економија, Министерството за наука и образование и Фондот за иновации кој го спроведува и следи Владата на Р. М. преку кабинетот на Вицепремиерот г-дин Пешевски. Резултат на пилот-проектот е поднесена патентна пријава до Државниот завод за индустриска сопственост на Р. Македонија под назив „ЕЛЕКТРИЧЕН АПАРАТ ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈА НА ОБУВКИ СО ИСПАРУВАЧ НА ЛЕСНО ИСПАРЛИВИ ТЕЧНОСТИ СО ДЕЗИНФЕКЦИОНИ СВОЈСТВА“

Патентот го претставија пронаоѓачите Горјан Малевски, Марко Младеновски и Коста Начевски. По извршената презентација пронаоѓачите одговараа на прашањата поставувани од страна на присутните, како и од страна на новинарите од електронските медиуми. Младите пронаоѓачи со својот настап и вредноста на нивниот пронајдок предизвикаа големи симпатии кај медиумите.

Потоа за збор се јави г-ѓа Виолета Атанасовска од Министерството за образование и наука (Сектор за Наука и технолошки развој) во својство на овластено лице од страна на ЕУ за помош на апликантите од Р. Македонија, врзана за можностите на проектот „ХОРИЗОНТ 2020“ кој го спроведува Европската Унија. Поздравувајќи го едукативниот пилот-проект на нашето Друштво и на младите пронаоѓачи, таа ги запозна присутните со можностите на овој Проект на ЕУ и неговото значење за пронаоѓачите од Р. М., а потоа одговараше на прашањата од присутните, врзани за овој ЕУ проект.

По прес конференција, свеченоста е продолжена во салата за коктели во мошне пријатен амбиент, каде што со прикладна храна и пијалаци беше овозможено меѓусебно запознавање на гостите, нивно дружење и разговори врзани за успешно реализираниот пилот проект „ОД ИДЕЈА ДО ПАТЕНТ“ како и разговори воопшто за пронаоѓаштвото кај нас и во светот.