ОДРЖАНО ПРВО ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ДПАТУ „ПРОНАОЃАЧ МИХАЈЛО ПУПИН“

На ден 26. 12. 2015 година во просториите на Градежен Факултет во Скопје одржано е прво годишно собрание на ДПАТУ „ПРОНАОЃАЧ МИХАЈЛО ПУПИН“.

Дневниот ред се состоеше од:

  1. Свечено отворање на првото годишно собрание
  2. Извештај за досегашното работење
  3. Финансов извештај за 2015 годинa
  4. Усвојување на финансовиот извештај
  5. Предлози за делегати на собранието
  6. Прием на нови членови
  7. Разно

Поздравниот говор го одржа Претседателот на Друштвото Мирко Узелац, истакнувајќи ја важноста од формирањето на друштвото, како за членовите така и за општеството.

Потребата за здружување на пронаоѓачите и формирање на друштво последните неколку години беше се поизразена, така што на 22.02.2015 година и официјално е формирано Друштвото на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања „ПРОНАОЃАЧ МИХАЈЛО ПУПИН“ и регистрирано во Централниот Регистер на Р. Македонија.

Веднаш по формирањето и изборот на Извршниот одбор на Друштвото, истиот превзеде низа активности, а со цел на зајакнување и експонирање на друштвото во пошироката јавност, како и воспоставување на соработка со стопанските субјекти, факултети, училишта и државни институции.

Посебна чест за друштвото беше обраќањето на претседателот на Советот на нашето друштво Проф. Д-р. Трпе Груевски дипл. киб. инж, основач на СПАТУМ и негов прв претседател, автор на над седумдесет научни трудови, човек со огромни заслуги за пронаоѓаштвото во Р. Македонија.

Проф. Груевски, како и секогаш полн со позитивно креативна енергија, го поздрави собирот и ја истакна важноста од соработката со државните институции, посебно со градот Скопје како и со стопанските субјекти во Р. Македонија. Професорот го поздрави доделувањето на средствата од првиот повик на Фондот за инвации и технолошки развој на Р. Македонија. Сметаме дека голем успех за нашето Друштво претставува фактот што средства од Фондот добија нашите членови М-р. Sci Петре Ристески, дипл. ел. инж. (еден од основачите на друштвото) и М-р. Sci Виктор Настев, дипл. ел. инж. кој присуствуваше со својот тим на соработници, инаку членови на нашето друштво – Дипл. маш. инж. Тони Трајковски кој е и советник на Друштвото од областа на машинството, како и младиот апсолвент на Машинскиот факултет Александар Симионов.

Професорот Груевски го поздрави вклучувањето на голем број на млади пронаоѓачи во Друштвото, на што Друштвото е особено гордо.

Работењето со младите пронаоѓачи е и еден од приоритетите на друштвото, кое веќе дава извонредни резултати, како што на пример е проектот ОД ИДЕЈА ДО ПАТЕНТ со чија реализација младите членови Горјан Малевски ,Марко Младеновски и Коста Начески станаа полноправни членови на Друштвото, со пријавен патент во Државниот Завод за Индустриска Сопственост на Р. М.

Учество во дискусијата зема и Проф. Д-р Ана Селамовска (една од основачите на Друштвото), која изрази големо задоволство од присуството на Проф. Д-р. Трпе Груевски и ги замоли присатните да се претстават поединечно, а со цел на наше меѓусебно подобро запознавање.

Потполковникот Живко Димитриевски, дипл. маш. инж. (член на Советот на Друштвото) ги извести присутните за извонредната соработка на нашето друштво со Министерството за Одбрана како и за плановите за понатамошното унапредување на оваа соработка.

По ова Претседателот на Друштвото ја истакната добрата соработка со Државниот Завод за Индустриска Сопственост на РМ и неговата несебична подршка и помош, потоа ЕУРОСТАНДАРД банката, Министерство за Економија на РМ, Стопанските комори на РМ и други субјекти.

Собранието го усвои поднесениот финансов извештај, изгласани се предложените членови за Собранието, усвоен е и извештајот за завршените и планираните активности на Друштвото и примени се нови 7 членови во Друштвото.

М-р. Sci Д-р. Даниела Ризова (една од основачите на Друштвото) ги поздрави присутните и заедно со Заменик претседателот на Друштвото Владимир Филевски дипл. ел. инж. (заменик-уредник на списанието за популаризација на науката и техниката ЕМИТЕР) ги поканија членовите на мала предновогодишна забава која беше организирана по повод на ова Собрание, со мала закуска по што членовите го продолжија дружењето со музика и во опуштена другарска атмосфера, која беше добра прилика за меѓусобно запознавање на членовите и за размена на искуствата.